Одбележувајќи го Меѓународниот ден на Ромите, Хелсиншкиот комитет за човекови права потенцира дека продолжува потребата за континуирана поддршка на Ромите во нивната секојдневна борба со социјалните и економските проблеми со кои се соочуваат, а Ромите како интегрален дел од македонското општество треба да бидат рамноправни граѓани кои ги уживаат истите права со останатите граѓани.

– Би сакале во духот на одбележувањето на овој ден, да ја истакнеме нашата загриженост за статусот на Ромите во државата и нивната континуирана системска дискриминација и гетоизација. Особено сме загрижени за најновите планови кои се прават во ромската населба Шуто Оризари, меѓу кои се новоотвореното средно училиште “Шаип Јусуф” во кое продолжуваат да се одлеваат цели ромски паралелки од другите средни училишта во Скопје. Понатаму најавата за изградба на базен во истата населба и вложување на повеќе од 6.000 евра за негова изградба, наспроти недостигот од функционална канализациона и водоводна мрежа во населбата. Жителите во општината и понатаму се соочуваат со проблеми во пристап до квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита, а немаат ни пристап до матичен гинеколог, се вели во соопштението на ХК.

Оттаму потенцираат дека децата Томи и натаму се соочуваат со системска сегрегација во образовниот процес, кои се распределувани во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки.

Хелсиншкиот комитет продолжува да работи на правна поддршка на Ромите и заштита и унапредување на нивните права и слободи.