Пратеничката Ермира Мехмети денеска го повика Специјалното јавно обвинителство да поведе постапка во врска со снимка од приватен телефонски разговор кој неодамна се појави на Јутјуб, а за кој се тврди дека е меѓу вицепремиерот Муса Џафери и Мехмети.
– Станува збор за монтирани снимки кои се користени за политичка уцена уште од јануари. Јас дадов исказ во Јавното обвинителство да го истражува случајот, а го повикувам и Специјалното Обвинителство да поведе постапка, изјави Мехмети за НОВАТВ.
Од ДУИ претходно најавија дека ќе бидат поднесени пријави до повеќе институции за нереагирање и непреземање мерки во заштитата на приватноста и кривични пријави до медиумите кои овие разговори ги објавиле.
НОВАТВ има сознанија за кое лице се работи, но поради почитување на правото на приватност не го објавува неговото име.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на вчерашната прес конфереција ги повика сите кои се засегнати со вакви нелегални материјали да го пријават тоа во Обвинителството за поведување соодветна кривична постапка, а оние кои поседуваат вакви снимки да ги достават до СЈО.