Британската премиерка Тереза Меј ги повика политичарите во земјата да ги остават на страна своите лични интереси, со цел да биде најден излез од ќорсокакот во врска со истапувањето на Велика Британија од ЕУ.
Таа нагласи дека е разочарана од тоа што лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин досега не разговарал со неа околу Брегзитот, додавајќи дека „нејзината врата останува отворена за разговори“.
Корбин ја нарече Владата на Меј „зомби“ и побара предвремени избори
Меј соопшти дека за излез од ќорсокакот во кој западна Велика Британија откако британскиот Парламент во вторникот го отфрли Договорот за Брегзит, веќе разговарала со претставници на Шкотската национална партија (СНП), на партијата Либерални демократи и на Партијата на Велс (ПЦ), нагласувајќи дека „сега е време личните интереси да се остават на страна“.
Изјавата на Меј уследи откако Долниот дом на британскиот Парламент синоќа и изгласа доверба на нејзината Влада со 325 гласа „за“ и 306 „против“.
– Имаме одговорност да пронајдеме начин да обезбедиме поддршка во Долниот дом, нагласи Меј, најавувајќи разговори со претставници на парламентарните партии во текот на следните денови посветени на обезбедување мнозинство во Парламентот за усвојување на Договорот за Брегзит.
Неизбежно треба да следи одлагање на истапувањето на Велика Британија од ЕУ, оцени поранешниот британски премиер Тони Блер.
– Тоа сега практичено е неизбежно… Да сум јас сега Влада, веќе би разговарал со Европа за условите за одлагање, изјави Блер за Би-Би-Си.
Според него, евенталното истапување на Велика Британија од ЕУ без договор за идните меѓусебни односи, би и нанело значителни штети на британската економија.




