Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека е потребно да се преземат мерки за да се спречи напуштање на ЕУ од страна на членките, по случајот со Велика Британија.
– Меѓународните финансиски пазари се загрижени дека властите веќе не можат да ја владеат Европската Унија, а знак за тоа е Брегзитот, изјавила Меркел на состанок на одборот на нејзината партија, Христијанско-демократската унија на Германија, јави Ројтерс повикувајќи се на неименувани извори од ЦДУ.
Портпаролот на Меркел одговарајќи на новинарско прашање изјави дека Британија се уште не ја напуштила ЕУ додека не го активира Членот 50 од ЕУ-договорот.
– Ако на британската влада и е потребен разумен временски рок за тоа, ние го почитуваме тоа. Пред Британија да испрати барање, нема да има никакви неформални прелиминарни разговори за начинот на заминување, рече портпаролот Штефен Зајберт на прес-конференција.
Неофицијално, британскиот премиер во оставка Дејвид Камерон нема да побара активирање на овој член на самитот на Унијата утре.
– Очекуваме Камерон да присуствува на состанокот и да ги презентираат резултатите од референдумот и ситуацијата во Британија. Не очекуваме од него да активира чл. 50 од договорот за ЕУ во оваа фаза , изјави неименуван извор во администрацијата на ЕУ.




