Германската канцеларка Ангела Меркел денеска предупреди дека ЕУ се соочува со критична ситуација.
– Мора со сопствени акции да покажеме дека може да бидеме и подобри, им изјави Меркел на новинарите на доаѓањето на самитот на ЕУ во Братислава.
Таа истакна дека ЕУ мора да се подобри во областите на безбедноста, внатрешните и надворешните работи, борбата против тероризмот и сорабтката на повеќе полиња.
Францускиот претседател Франсоа Оланд пак изјави дека неговата земја може да го преземе водството во европската воена соработка, но дека не може сама.
Оланд, чија земја ќе биде главна воена сила по излезот на Британија од ЕУ, ги здружи силите со Германија во залагањето за идејата за поактивна одбранбена политика за да се врати довербата разнишана по терористичките напади, мигрантската криза и глобализацијата.
Во Братислава се одржува неформален, но многу значаен самит во Братислава на кој најмногу ќе се разговара за иднината на ЕУ без Велика Британија.
Првиот голем состанок на челниците на Унијата без Британија ќе има две цели: план за идниот однос со Британците и план за реформирање на Унијата.
Во обата случаја, како што пишува весникот Блумберг, целта е на крајот да се осигура дека заминувањето на Британија нема да го ослабе, туку ќе го зајакне европскиот проект.
Формалните преговори за Брегзит ќе започнат со почетокот на следната година, а најзначајното прашање уште сега е познато – спорот меѓу британската желба за повластен пристап на единствениот европски пазар и инсистирањето на ЕУ дека таков пристап подразбира слободно движење на работниците во Британија.
Како што претходно најави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, тема на разговор во Братислава нема да биде само Брегзит, туку и преземањето на политичката контрола над заедничката иднина.




