Германската канцеларка Ангела Меркел и’ ја префрли на Грција вината за неуспехот на преговорите: „Мора едноставно да се констатира дека на грчката страна немаше волја за компромис“, рече Меркел по денешната средба со шефовите на фракциите и на партиите застапени во Бундестагот. Но, таа и’ понуди на Грција натамошна поддршка и нови разговори во однос на долгот, но дури по одржувањето на планираниот референдум.
Меркел уште еднаш нагласи дека европските партнери на Грција и’ понудиле „извонредно широкограда програма“. Но, тие преговори не можеле да бидат доведени до крај поради грчкото решение за одржување референдум во врска со таа програма. Но, за разлика од пред неколку години, според Меркел, Европа денес е подобро подготвена „за постапување со една ваква кризна ситуација“.
Таа истакна дека во еврозоната „принципите за сопствена одговорност и солидарност се две страни на ист медал“. Обете работи не смеат да се доведуваат под прашање, Европа може „да егзистира само ако е способна за компромиси“, рече Меркел и нагласи: „Ние сме подготвени да помогнеме, доколку е тоа неопходно“. Според неа, и натаму се во игра сите од европска страна понудени „конјунктурни импулси за Грција“.




