Германската канцеларка Ангела Меркел побара од европските лидери на состанокот на 7. март да најдат заедничко решение за мигрантската криза, бидејќи како што рече не постои „план Б“ доколку европските лидерите не успеат да постигнат согласност со Турција како да го намалат бранот мигранти и бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан во Европа.
Во интервју за телевизијата АРД Меркел изјави дека Европската унија исто така не смее да дозволи Грција да западне во хаос поради приливот мигранти, додавајќи дека ова е многу важна фаза од историјата на Европа.
Во неделата Атина предупреди дека бројот мигранти на грчка територија во март ќе достигне 70 илјади, и тоа поради квотите што го воведоа земјите на „балканската рута“.
Од друга страна унгарскиот премиер Виктор Орбан ги обвини европските лидери дека немаат волја да организираат ефикасен одбранбен систем против приливот мигранти.
– Иднината на Европа не ја загрозуваат само оние што сакаат да дојдат, туку и политичките и економските лидери, како и интелектуалците кои се обидуваат да ја претворат Европа во Европа против европскиот народ, рече Орбан, критикувајќи ја политиката на отворени граници на Меркел.




