Под влијание на изразена циклонска активност со центар над Џеновскиот залив и на серија на влажни воздушни бранови, до самиот крај на оваа седмица времето во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, вели за НоваТВ метеорологот Славчо Попоски. Локално и повремено врнежите ќе бидат поројни и обилни (над 70 л/м2), со што е можна појава на локални поплави.

Особено во четврток локално ќе биде нестабило со интензивен пороен дожд, грмежи и силен јужен ветер. Локално овие процеси би можело да бидат застапени во форма на невреме.

Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен и од југозападен правец (над 80 км/час). На високите планини и тоа особено на северозапад ќе има врнежи од снег и ќе се формира позначителна снежна покривка.

Температурите овие денови насекаде ќе се искачуваат над 10 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели температурите ќе се искачат до околу 20 степени.

Поради силниот ветер кој се очекува препорачуваме крајна претпазливост.

Големо заладување на времето и врнежи од снег и на пониските места (градови) се очекува за време на викендот. На планините тогаш снежната покривка ќе надминува 50 см, а снежна покривка ќе се формира понекаде и во градовите.