Под влијание на невообичаено топла воздушна маса која продира од југ, во Македонија во текот на оваа седмица времето ќе биде претежно стабилно, суво и сончево, вели за НоваТВ метеорологот Славчо Попоски.

Зголемување на облачноста ќе има од четврток кога ќе започне да дува ветер од јужен и од југоисточен правец и истиот повремено ќе добива на интензитет. Температурите наутро ќе се спуштаат во интервалот од -2 до 5 степени додека максималните дневни ќе бидат значително повисоки од просекот за овој дел од годината и ќе се искачуваат во интервалот од 14 до 20 степени.

Во најтоплите централни и југоисточни предели овие денови температурите се очекува да се искачат дури до 23 степени. Поради ова вели Попоски на планините и на скијачките центри ќе продолжи топењето на снежната покривка.

Во Скопје и околината продолжува периодот на суво и невообичаено топло време за овој период од годината. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот помеѓу -2 и 4 степени, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 18 и 20 степени.

„Ако продолжи ваквото невообичаено топло време, оваа година значително побрзо ќе започне будењето на природата кај нас“, ни изјави Попоски.