Граничниот премин Маљевац меѓу БиХ и Хрватска утрово е затворен откако на ова подрачја пристигнала група мигранти, објави телевизијата Н1.
Мигрантите кои ноќта ја минале во близина на граничниот премин Велика Кладуша-Маљевац, чекајќи влез во Хрватска од БиХ, го пробиле првиот кордон од припадници на граничната полиција на БиХ и се пробиле до вториот кордон.
Претходно, весникот Дневни Аваз јави дека меѓу мигрантите има и повредени по пробивањето и судирот со хрватските специјални сили.
На овој начин околу 150 до 200 мигранти се нашле на мостот што од БиХ води кон граничниот премин во Хрватска.
Меѓу мигрантите има десетина жени и деца, и како што јавуваат медиумите тие се прилично вознемирени и повремено се судираат со полицијата.
Вчера во попладневните часови околу 400 мигранти стигнале во близина на овој граничен премин, а полицијата на околу 100 метри од преминот поставила заштитна жолта лента и ги оневозможила да преминат во Хрватска.




