Апелацискиот суд во Скопје ја одби гаранцијата на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и одлучи тој да остане во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. На одлуката ѝ претходеше и мислење од вишиот обвинител Бурим Рустеми, кој за разлика од неговиот колега Ајро, беше на став дека гаранцијата не треба да се прифати.
Мијалков нудеше гаранција од 10,8 милиони евра, но Основниот кривичен суд ја одби и покрај тоа што имаше позитивно мислење од обвинителот Артан Ајро. За одлуката на Кривичен, ексдиректорот на УБК и неговите адвокати се жалеа до Апелација каде попладнево одлучиле да ја одбијат жалбата и да го потврдат решението од првостепениот суд.
Поранешниот директор на УБК е во затворски притвор од 23-ти февруари, а веќе има две првостепени судски пресуди на вкупно 20 години затвор.