Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК се очекува вечерва да излезе од притвор, откако Апелацискиот суд му ја уважи жалбата, потврди судијката Татјана Дуковска за Нова ТВ.
Апелацискиот суд пред една недела на Мијалков му определи мерка на претпазливост наместо притвор за судскиот предмет „Трезор“, според која тој требаше да се јавува во судот и да го приложи пасошот, откако неговите адвокати гарантираа со над 11 милиони евра, дека ќе биде достапен на судот. Ваквата одлука предизвика бурни реакции во јавноста, а отчет од судиите кои решаваа за притворот на Мијалков, побара и министерот за правда Бојан Маричиќ.
Поранешниот шеф на УБК, според одлуката на апелациските судии требаше да излезе од притвор , откако имотот што е приложен во гаранцијата беше ставен под хипотека, но Обвинителството за гонење организиран криминал побара нов притвор за поранешниот шеф на УБК во друг предмет – „Плацеви на Водно“, по што одбраната достави жалба која денеска беше прифатена од судот.
Инаку, во предметот „Плацеви на Водно“ поранешниот премиер Никола Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Во овој судски предмет се обвинети и бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
С.М.