Министерката за внатрешни работи на Австрија, Јохана Микл-Лајтнер предупреди дека доколку Германија реши да ги затвори границите, тогаш и нејзината земја ќе биде присилена да го направи истото, дури и ако треба ќе употреби присилни мерки.
Микл-Лајтнер смета дека е потребно заедничко европско решение за бегалската криза.
– Мораме да бидеме свесни дека ако нема меѓународно решение, постојат две можности – да продолжиме како и досега или да воведеме строги контроли на границата, а тоа значи и примена на сила, изјави таа.
Таа предупреди дека тогаш во Австрија ќе се повтори сликата од границата меѓу Македонија и Грција.
На нејзината изјава пак се надоврза лидерот на партијата од која таа доаѓа, Рајхнолд Митерленер, кој рече дека употреба на сила не доаѓа во предвид.
Австријските невладини организации веднаш упатија критика кон Микл-Лајтнер, потенцирајќи и на министерката дека употреба на сила врз бегалците нема да наиде на одобрување под никакви услови.




