Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ја повика хрватската влада да ја прекине трговијата со оружје и воена опрема со Израел, а уште во мај годинава наредил прекин на воената соработка со државата.
Бидејќи купувањето и продажбата на воена опрема и вооружувањето е во надлежност на владата на Хрватска, претседателот ја повикува владата да постапи еднакво и да ја прекине трговијата со воена опрема со актуелната власт на државата Израел, изјави портпаролот Никола Јелиќ.
Словенија оваа недела беше првата европска земја која се одлучи на слична мерка и донесе одлука за забрана за извоз и транзит на воена опрема од или низ Словенија во Израел.