Германската полиција потврди дека шест лица се убиени во нападот кој попладнево се случи во трговски центар Олимпија – Ајнкауфцентрум (ОЕЗ) во Минхен. По два ипол часа пукање во трговскиот центар прогласена е вонредна состојба. Портпаролот на полицијата изјави дека полицијата трага по тројца сторители и дека постои сомнеж нападот да е тероризам.
По нападот кој се случиоколу 18 часот попладнево, затворена е областа во јужниот дел на градот. Напаѓачите се се уште во бегство, а полицијата ги советува луѓето да не ги напуштаат своите домови и да избегнуваат јавни места.
Има повеќе повредени лица. Трговскиот центар е надлетуван од хеликоптери, а на работниците им е забрането да ги напуштат продавниците.
Како што првично објави „Билд“, вооружен маж трчал низ трговскиот центар и пукал на луѓето, по што тој побегнал кон подземната железница. Подоцна за повеќе странски медиуми сведоци на настанот изјавиле дека во облата околу трговскиот центар виделе три наоружени лица.
Ова е втор напад во Германија неделава. Безбедносните сили во Германија се во состојба на подготвеност откако во понеделникот имигрант од Авганистан со секира и нож изврши напад во воз рани пет лица во Баварија. Властите предупредија на опасност од нови напади.





