Министерството за здравство соопшти дека е во подготвителна процедура постапката за набавка на заштитните маски кои треба бесплатно да бидат поделени на лицата во здравствен ризик. Од ресорното Министерство велат дека оваа процедура се одвива со мало доцнење, но штом ќе биде завршена набавката, маските ќе бидат поделени на пациентите.
„Постапката за набавка на заштитни маски за лицата со здравствен ризик е во подготвителна процедура. Набавката опфаќа 40.000 специјални маски кои штитат од ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките. Имајќи предвид дека законските процедури за набавка на маските се долги, оваа процедура се одвива со мало доцнење. Воедно, информираме дека и за идната година се планирани вакви набавки, во зависност од потребите“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство нема објаснување колку време всушност им е потребно за ваквата подготвителна процедура за набавка бидејќи заштитните маски министерот Филипче ги најави уште на 4 декември минатата година. Нема објаснување ниту кога ќе заврши целокупната процедура, односно кога заштитните маски ќе стигнат до ризичните, хронично болни пацинети и што е исто така важно, нема објаснување зошто доцни набавката.
Како што веќе објави НОВА, од ветувањето на Филипче пред говорницата во Влада поминаа повеќе од месец и половина, а заштитните маски во ниту еден момент не беа спомнати, се до моментот додека НОВА не ја објави информацијата, дека во ек на најголемо загадување 50 000 хронични болни се уште не ги добиле заштитни маски.
Поради енормното загадување на воздухот болниците се преполни со пациенти со компликации, хронично болни кои страдаат од астма и хронични белодробни заболувања, како и деца со респираторни заболувања и пнеумонии.




