-Со нетрпение го чекаме текстот од ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе го добиеме – ќе се произнесеме. Доколку има подобрувања на текстот, секако ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија – нема да биде прифатена, велат од Министерството за правда.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе подготви нов закон за СЈО, кој ќе ги следи препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права.
Работни групи на двете најголеми политички партии веќе подолго време немаат одржано средба за изнаоѓање заедничко решение за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство и законот за Јавното обвинителство.
Двете страни најмногу спорат за членот 105 од Предлог законот што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушкуваните разговори. ВМРО-ДПМНЕ бара негово отстранување, со цел да се укинат сите обвиненија и истраги на СЈО покренати по 30 јуни 2017 година.
Овој предлог-закон е еден од условите за почеток на преговорите со Европската Унија. Последниот рок за донесување на законот за СЈО што си го постави власта е септември.