Министри од повеќе ресори и градоначалници, во четврток, заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ги анализираа досега спроведените активности за исполнување на барањата од жителите од повеќе општини при посетите од владини функционери, и предлагаа решенија за побрза реализација на проектите.
Од друга страна пак, опозициската СДСМ смета дека Груевски, кој со месеци нема никаква државна функција, денеска повторно ги понижува министрите и градоначалниците принудувајќи ги да му даваат отчет.
„Груевски нема кредибилитет ниту овластување за некој нему да му дава отчет. Груевски е тој кој ќе даде отчет за сработеното, но пред истражните и судските органи и ќе одговара за целиот криминал“, велат од СДСМ.
„Како политичка партија веќе долг период сме прифатени кај граѓаните дека сме политичка гарнитура која што стои зад дадениот збор, стои зад ветувањата, стои зад она што ќе го вети при средбите со граѓаните. Огромна одговорност е да се испорача ветеното и да се одговори на потребите на луѓето во онаа мера колку што е можно и колку што е ветено“, рече Груевски.




