Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска во Амстердам започнаа неформален состанок на кој ќе се разговара за опциите за продолжување на привремените погранични контроли во шенген зоната за контрола на приливот на мигранти.
Состанокот следи откако претседателот на Европскиот совет Доналд Туск минатата недела изјави дека Европа има помалку од два месеца за да ја стави под контрола бегалската криза или ќе дојде до колапс на Шенген зоната.
Во средина на мај истекува рокот за привремена погранична контрола на границите на Германија и Австрија и единствен начин за одржување на граничната контрола би било активирање на членот 26 од Шенгенскиот договор, што досега не е користен.
Фајненшел Тајмс. објави дека лидерите на ЕУ разгледуваат „драстичен план за запирање на навалата имигранти преку Балканот“ и за целосна блокада на македонската граница со Грција, така што грчките власти ќе бидат присилени итно да поработат на заштита на надворешните граници на Унијата.
Според весникот, блокадата на мигрантите на јужната македонска граница ќе биде најострата мерка досега преземена во врска со кризата. Бегалците теоретски ќе можат да влезат во Македонија и да бараат азил. Но земјите немаат обврска да им дозволат да патуваат понатаму за да бараат азил во други земји.




