Ако Антикорупциската комисија утврди дека синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски не ги исполнувал условите на конкурсот, ќе добие отказ, кажа директорот на ЕЛЕМ Драги Миновски во интервју за Телма.
Миновски рече дека Стојчевски се пријавил на огласот за приправник и ги исполнувал сите законски услови.
„Тој е вработен на местото инжинер за нови технологии. Во наредниот период планирани се неколку инвестициски проекти од областа на обновливите извори, како што се фотоволтаичните електрани и други и за сите овие проекти потребни се геодетска документација и елаборати. Виктор Стојчевски ги исполнуваше условите за работното место“ рече Миновски.
Тој тврди дека не знаел дека е син на пратеничката Мира Стојчевска и дека никој не ургирал да биде примен.
„Во целост ќе ги следиме насоките од Извештајот на Антикорупциската комисија и во целост ќе ги исполниме наодите на комисијата. Тоа значи дека доколку Антикорупциска утврди некакви неправилности, да ќе му дадеме отказ на Виктор Стојчевски“ рече Миновски.
Дел од медиумите објавија дека Антикорупциска веќе утврдила дека синот на Стојчевска незаконски се вработил и не ги исполнил условите утврдени со конкурсот, но од Комисијата официјално ја демантираа ваквата информација и соопштија дека комисијата се уште прибира и обработува документацијата поврзана со отворените предмети за вработувањата со сомневање за непотизам.