Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, во штабот на Фидес во Будимпешта ја славеа победата и четвртиот премиерски мандат на лидерот на конзервативниот табор.

„Голема победа за Виктор Орбан. Со среќа и успех нека е петтиот премиерски мандат, четврти по ред. Честитки и за убедливата победа на нашата сестринска партија СНС во Србија. Голема победа за претседателот на Србија Александар Вучиќ. Македонија има пријатели“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук, објавувајќи селфи со унгарскиот премиер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ негира дека во Будимпешта имал средба со неговиот претходник Никола Груевски. „Македонија има голем пријател во Виктор Орбан кој е и мој голем пријател. Голема чест е да бидам поканет заедно со Виктор Орбан и неговите најблиски соработници од Фидес да ги чекаме резултатите“, изјави тој за Фокус и додаде дека немал средба со Груевски.