Граѓаните на Холандија масовно излегоа да гласаат за да покажат дека екстремната десница кај нив не поминува. Тие му ја обновија довербата на досегашниот премиер Марк Руте и либералната партија.
Но, всушност за победници на холандските избори би требало да се прогласат партијата GroenLinks (Зелена левица) и нејзиниот млад и харизматичен лидер Џес Ферас Клавер.
На парламентарните избори што се одржаа на 15 март, Зелената левица доби најголем број нови пратеници – дури 12. Оваа партија отсега во Парламентот ќе ја застапуваат 16 парламентарци и таа најверојатно ќе биде следниот коалициски партнер на новата влада. Но преговорите секако нема да бидат лесни поради големите разлики во програмите на партиите Руте и Клавер.
Вечерта на 15 март, откако беше објавено дека Зелената левица освоила неочекувано голем број гласови, во Хаг Клавер беше пречекан како рок ѕвезда.
Клавер стана ѕвезда во холандската политика во само неколку месеци и, ако се суди според резултатите на овие избори, тој станува и лидер на холандската левица. Партијата на социјал-демократите одвај извлече жива глава и го доби најлошиот резултат во историјата на партијата па оваа ситуацијата му го отвора патот на Клавер.
За Џес Клавер медиумите велат дека е европскиот Џастин Трудо на кој физички наликува. Но тој за себе си смета дека е лек против екстремната десница и порастот на расизмот и ксенофобијата.
“Наспроти тоа што некои политичари сакаат да ни го наметнат, Холандија е земја на имиграција”, изјави тој пред неколку недели во едно интервју за агенцијата АФП мислејќи на лидерот на екстремната десница Герт Вилдерс.
Познат е по неговите дебати со Вилдерс кој пред две години изјави дека во Холандија треба да има помалку Мароканци.
“Во сите точки, без исклучок, не се согласувам со Герт Вилдерс. Јас сакам враќање на мојата земја, земјата на толеранцијата”, вели тој.
Кој е холандскиот Џастин Трудо
Клавер е син на Холанѓанец со мароканско потекло а мајка му е со холандско-индонезиско потекло. Тој денес има 30 години и со тоа е најмладиот партиски лидер во историјата на Холандија.
“Јас сум производ на таа имиграција”, додава Клавер кој израснал со баба му и дедо му во социјален стан во предградието на Розендал на југот на Холандија.
Со политика почнува да се занимава во 2009 година и станува член на влијателниот Совет за социјални и економски работи а 6 години подоцна станува лидер на Зелената левица.
Холандскиот весник НРЦ велеше пред извесно време дека овој млад човек на холандската политика може да и донесе нов елан. Клавер тоа го потврди со освоените 16 места на овие избори.
Новата ѕвезда во холандската политика се согласува со идеите на Томас Пикети, автор на бестселерот “Капиталот на XXI век” кој смета дека глобализацијата креирала нееднакво општество и неправедна поделба на богатството.
“Мораме да се осигураме дека Европа е добра за сите, не само да мала група богати луѓе кои имале среќа и кои стануваат се побогати”, вели Клавер.
Овој млад и амбициозен лидер е татко на две деца. И покрај тоа што го споредуваат во канадскиот премиер Трудо, за Клавер најголема политичка инспирација е Џон Фицџералд Кенеди (со кој дели иницијали). Во неговата канцеларија, пишува АФП, има портрет на овој американски претседател кој во атентат го загуби животот во Далас во 1963 година. На бирото на Клавер има и шоља за кафе на која е напишана една славна изрека на Кенеди: “Една личност може да направи разлика и секој од нас треба да се обиде тоа да го направи”.




