Резултатите покажуваат дека Ирска тукушто го легализираше истополовиот брак на денешниот историски референдум. Повеќе од 3.2 милиони граѓани беа прашани дали ќе дозволат промени во Уставот за да може да им се дозволи на геј двојките да се венчаваат. Министрите претходно говореа дека „веруваат дека референдумот ќе е успешен“, додека противниците на овие промени предвидуваа пораз.
Ирскиот министер за здравство Лео Варадкар, кој на почетоков на годинава излезе во јавноста и се отвори за својата сексуална ориентација, а со тоа стана и првиот геј министер, рече дека кампањата за референдумот е „скоро како социјална револуција“.
Гласачките места беа отворени утринава во 9 часот, а бројката на излезност, според тамошните медиуми е неочекувано висока. Резултатите покажуваат дека мнозинството ирски граѓани, односно 62 проценти гласаа во полза на геј браковите.
Со ова, Ирска влезе во историјата како првата држава во којашто истополовите браковите се легализираат преку гласот на народот.
Во моментов атмосферата во Даблин е фестивалска. Илјадници граѓани се излезени на улиците и го слават денот кога оваа европска држава застана во одбрана на правата на своите сограѓани и со тоа допринесоа да добијат почесно место во светската историја.




