Министерството за надворешни работи до амбасадите во Скопје на 9 август испратило допис во кој се бара финансиска помош и се дава листа со производи кои им се потребни за справување со последиците од поплавите.
„Министерството во прилог доставува прелиминарна листа на конкретно потребни работи, кои може да се достават како што ќе се развива ситуацијата“, стои во дописот што го објави агенцијата Мета.
Според истиот документ, хуманитарната и финансиската помош во евра ќе овозможи справување со краткорочните, среднорочните и долгорочните последици од катастрофата.
На листата како неопходни предмети и производи се наведени лопати, гумени чизми, вода, храна, средства за дезинфекција, канти за техничка вода, црева и друго, но и 24 теренски возила – „дефендер“ – со погон на четири тркала, пет моторни чамци со приколки и 29 гумени чамци, камиони кипери, алпинистички јажиња, продолжни кабли, 50 вреќи во кои ќе се извлекуваат повредени лица, вреќи за извлекување на лица со помош на хеликоптер итн.