По вчерашната изјава на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ дека Србија згрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име, денеска пристигна реакција од македонското МНР.
Во интервју за „Бета“, Дачиќ вели дека тоа не е одмазда за нашето признавање на Косово и поддршката за неговото членство во УНЕСКО, туку одговорна државна и национална политика.
Во рекацијата на МНР се вели: „Меѓу Македонија и Србија има многу блиски и длабоки пријателски односи не е случајно што граѓаните во двете земји имаат многу позитивни чувства за соседите од другата страна. На политичарите им останува само да ги продлабочуваат тие историски односи, доколку тоа не е возможно тогаш треба да бидат одговорни барем да не го рушат пријателството кое постои меѓу Македонија и Србија во двата правци. Ова треба да важи и во услови кога е очигледно дека се загрева атмосферата за следното гласање за влез на Косово во УНЕСКО“.
Српскиот министер за надворешни во интервјуто за „Бета“ изјави дека во билатералните односи Србија ќе го користи уставното име на Македонија, но кога ќе комуницира мултилатерално ќе ја употребува привремената референца ПЈРМ.
Србија ја призна Македонија под уставното име во април 1996 година, кога официјално беа воспоставени дипломатските односи помеѓу двете земји.