Македонскиот народен театар (МНТ) со две претстави ќе гостува на повеќе сцени во рамки на летната турнеја од 3 јули до 15 август. Турнејата на МНТ ќе почне задутре со гостување на 15. „Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, со претставата „Не се клади на Енглези“.

„Оваа копродукциска претстава веќе осум години опстојува на репертоарот на МНТ, а гостувањето е уште една убава можност да се претставиме и надвор од земјава“, соопшти МНТ.Со новата претстава „Народен непријател“, која доби четири награди на МТФ „Војдан Чернодрински“, МНТ на 5 јули ќе гостува на Битолскиот летен фестивал – Битфест, кој покрај театар, нуди програма и со филм, концерти на класична, џез, рок и традиционална музика.

Со претставата „Народен непријател“, МНТ во рамки на летната турнеја ќе гостува и на 62. „Охридско лето“ на 15 август во Центарот за култура „Григор Прличев“.