По повод Меѓународниот ден за укинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, побара на новинарите да им се обезбеди да ја извршуваат својата работа без страв, а сторителите на прекршоци врз новинарите да се соочат со одговорноста.
„Нападите врз новинари не се само напади врз жртви, туку врз слободата на изразувањето и слободата на медиумите“, порача Могерини.
Истражувањата покажуваат дека помалку од десет отсто од нападите врз новинари ширум светот стигнуваат пред суд, а процентот на осудените сторители е уште помал, поради што 2.ноември е прогласен за ден за укинување на таа пракса.
„ЕУ очекува од државните власти целосно да ги почитуваат своите меѓународни обврски ефикасно, брзо и независно да ги истражат злосторствата против новинарите и да обезбедат сторителите да се изведат пред лицето на правдата, без оглед на дали зад нив стојат државни органи или поединци“, рече во својата порака таа.




