Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини го повика рускиот претседател Владимир Путин да направи “радикален пресврт” на своето однесување и оцени дека руската финансиска криза “не е добра вест” ни за Европа ни за светот.
“Претседателот Путин и руските политичари треба сериозно да размислат за радикална промена на нивното однесување кон остатокот од светот”, рече Могерини денес во Брисел додавајќи дека е потребна соработка за соочување со кризите во светот.
Според неа, светот станува опасно и нестабилно место за живеење па поради тоа таа смета дека Русија и ЕУ треба конструктивно да се соочат со кризите и особено со онаа во Украина.
Могерини подвлече дека руската финансиска криза, за која претседателот Путин рече дека последица на европските санкции кон Русија, не е добра вест за никого на светот.
Во однос на Украина таа рече дека е време за сите страни, и пред се за Русија, да се спроведе договорот од Минск кој превидува политичко решение за кризата.
Таа смета дека Европа исто така треба да разговара за потребата да се поддржи програмата за реформи во Украина. “Време е ЕУ да се фокусира на Украина и да стори се таа земја да стане успешна а за тоа е потребна работа и во Киев и во Брисел”, рече Могерини.




