Стотина демонстранти во главниот град на Молдавија Кишињев синоќа упаднаа во зградата на Парламентот барајќи поништување на гласањто за новата влада и распишување вонредни парламентарни избори.
Демонстраните се собраа пред Парламентот воочи глсањето за новата влада извикувајќи „Поништете го гласањето“ и „Крадци“, а веднаш по изборот на новиот Кабинет, го пробија полицискиот кордон и влегоа во зградата.
Полицијата во еден момент успеала да ги исфрли надвор, но тие повторно влегоа на сила. Според локалните медиуми имало и физички пресметки меѓу полицајците и демонстрантите.
Пред судирот, Парламентот ја изгласа проевропската влада на чело со премиерот Павел Филип, додека проруската опозицијата го бојкотираше гласањето.
За време на седницата, пратениците од Социјалистичката партија свиреле со свирчиња, за да го спречат Филип да го објави составот на Владата.
Претходната Влада на Молдавија ја изгуби довербата поради обвиненијата за корупција, а Парламентот мораше до 29 јануари да ја изгласа новата влада или да биде распуштен. Молдавија се наоѓа во сериозна политичка криза откако воочи изборите во 2014-та од три банки исчезнаа милијарда ипол долари.




