На само три дена пред крајниот рок за мандатарот Никола Груевски да состави влада, се уште нема никакви информации за тоа како се одвиваат преговорите помеѓу партиите. Раководството на ДУИ е ставено пред тешка одлука – „за“ или „против“ коалиција со Груевски.

Текстот е достапен и на албански јазик на следниот линк.

Молк од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Освен пробните балони кои од време на време се пуштаат во јавноста преку разни канали, партиите не откриваат што се случува зад сцената и дали повторно овие две партии ќе бидат дел од новата влада.

Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се достапни за коментар за тоа до каде се преговорите и не одговараат на нашите повици. Познавачите велат дека најверојатно ќе се чека до последен момент за официјално да се соопшти дали Груевски ќе може да состави коалиција или пак ќе го врати мандатот на Иванов.

Според поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов очигледно е дека е создадена атмосфера во која информациите за јавноста ќе излезат тогаш кога ќе оценат четирите партии потписници на „Пржино“.

„Досега најмала е отвореноста и транспарентноста во јавноста за преговорите. Овие затворени кругови сега се раководат од други стандарди, а не од оние кои се нормални во политиката. Не сум задоволен од тоа што само се пуштаат шпекулации, а никој не кажува што се случува. Намерно се пуштаат пробни балони по споредни канали и се тестираат граѓаните“, вели Андов.

Широка влада – спас за Груевски и Ахмети

Околу шпекулациите за евентуална широка влада но и повиците на еврокомесарот Јоханес Хан дека тоа би било добра опција, Андов вели дека го изненадуваат неговите изјави.

„ Хан како да не ја познава ситуацијата овде или не му е јасно кое е нивото на  политичката култура не толку на граѓаните колку на нашите властодршци и политички водачи. Ако се направи ваква влада насила со притисок од странство, таа ќе биде штетна затоа што секој ќе си води своја политика во неа. Тие нема да бараат излез, секој ќе си влече на своја страна и ќе си ставаат пречки“, вели Андов.

Според него, мора да се обезбеди Влада која целосно ќе биде посветена единствено на реформи, а тоа не би била влада која ја прават Груевски и Ахмети.

Според поранешниот пратеник, Павле Трајанов состав на широка влада би значела спас за Ахмети и за Груевски. Тој вели дека во една таква коалиција тешко ќе може да се расчистат скандалите за прислушувањето и корупцијата, бидејќи нивните партии ќе ги кочат реформите. Според Трајанов, промени може да има само ако опозицијата има водечка улога во владата.

„Провладините медиуми не се стишени и тие водат силна кампања да создадат една клима во јавноста дека може да има коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Кај другите медиуми условно кажано независни и кај граѓаните и партиите се почувствува некаков замор што е погрешна стратегија. Во еден критичен период за формирање влада да има молк и да нема коментари и оценки што досега направија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и во каква криза не доведоа е погрешно“, вели Трајанов.

ДУИ поделени „за“ или „против“ коалиција со Груевски

Во ДУИ пак веќе и јавно се гледа поделеноста на партијата во однос на прашањето дали тие треба да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Нивните функционери во медиумите дадоа различни пораки и толкувања за „Мајскиот договор“. Според портпаролот на партијата, Бујар Османи овој договор значи дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница и тоа треба да се почитува. Од друга страна, потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи вели дека принципот „победник со победник” не е споменат во Мајскиот договор. Таа смета дека неправедно би било нејзината партија да се повикува на овој принцип, бидејќи го нема легитимитетот на албанските гласачи.

Неофицијално, денеска во Мала речица попладне ќе се состане потпретседателството на ДУИ каде ќе се зборува за формирањето Влада. Дел од потпретседатели како Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити во јавноста се изјаснија дека се против коалицирање со Груевски. Според нашите извори, утре ќе се состане централното претседателство на ДУИ каде тие ќе донесат конечна одлука.

Текстот е соработка помеѓу НОВА и Порталб.