Рускиот претседател Владимир Путин сака да го „уништи НАТО“, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки по денешната средба со својот британски колега Борис Џонсон во Варшава.
Политичката цел на Путин е да го уништи НАТО и затоа е важно да покажеме колку сме обединети, рече Моравјецки.
Полскиот премиер додаде дека „НАТО има силно разбирање за тензиите на неговото источно крило“.
Џонсон, од друга страна, кажа дека ниту Полска, ниту Велика Британија, не можат да прифатат свет во кој силен сосед може да ги заплаши или напаѓа другите.
Лекцијата од изминатите сто години беше дека кога на Полска и се закануваше нестабилност, војна и агресија, тогаш сите беа загрозени, рече британскиот премиер.
По средбата, двајцата лидери ја посетија касарната во Варшава каде се сместени британски војници. Тие од декември им помагаат на полските сили да ја зајакнат границата со Белорусија.




