Руското министерство за надворешни работи смета дека самитот на НАТО покажал дека Алијансата ги фокусира своите напори на работи поврзани со непостоечка руска закана.
Портпаролката на министерството Мариа Захарова денеска изјави дека на состанокот НАТО-Русија што ќе се одржи на 13 јули Москва ќе бара објаснување за плановите на Алијансата.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе бараат објаснување од НАТО и за финскиот план за подобрување на воздушната одбрана на Балтикот.
Дел од самитот на НАТО кој заврши вчера беше посветен на формалното одобрување на плановите за мултинационални баталјони, секој со по повеќе од 1000 војници, кои ќе бидат распоредени во Полска, Естонија, Латвија и Литванија.
Баталјоните ќе бидат предводени од САД, Канада, Британија и Германија.
Претставници на НАТО го оценија распоредувањето како директен одговор на руската борбеност и најголем ваков потег по Студената војна.




