Москва со нетрпение очекува од новиот американски претседател Доналд Трамп да ги оствари ветувањата и да направи напор за да се зајакнат односите помеѓу Русија и САД.
Портпаролот на Кремљ Димитри Пешков денес за Си-Ен-Ен изјави дека Русија «не ги разбира перспективите на билатералните односи помеѓу двете земји» и смета дека е «непростиво што се уште не почнал дијалог» помеѓу Москва и Вашингтон.
«Очекувавме дека нашите контакти ќе бидат почести и подлабоки, да седнеме и да разговараме за да се обидеме да се разбереме затоа што имаше значајна пауза во нашите билатералнит односи», изјави тој.
И додаде: «За земји како Русија и САД е непростиво да не разговараат, особено сега кога сме соочени со натрупани проблеми, регионални и светски».
На почетокот на оваа година Владимир Путин и Доналд Трамп се согласија дека треба да се развијат односи на еднаквост и вистинска координација за да се победи терористичката организација Исламска држава во Сирија, вели Кремљ.
Пешков го повика Вашингтон побрзо да го почне дијалогот.
«Претседателот Трамп не крие дека не се согласува со многу работи што ги прави Русија но тој е доволно прагматичен и кажа дека дијалог е потребен. Треба да ги споредиме нашите позиции и да најдеме заеднички терен», рече Пешков. И со жалење изјави дека Трамп рекол дека треба средба и дијалог но Москва не разбира кога тој дијалог ќе почне.
Кремљ е загрижен поради обвинувањата дека Русија имала влијание во американските избори за да му помогне на Трамп да победи како што велат американските разузнавачи.
«Ние сметаме дека тоа е вистинска опасност за нашите билатерални односи и искрено сакаме оваа хистерија да дојде до логичен заклучок», рече Пешков.
На Си-Ен-Ен изјава имаше и републиканскиот сенатор Џон МакКејн кој го критикуваше Трамп и повика на внимание во однос на Русија:
«Има многу аспекти во односите со Русија и Владимир Путин и тие бараат подлабоко и подетално испитување. Мислам дека досега Американците не ги добиле сите одговори».




