На турското воено аташе во амбасадата во Москва му беше вложен остар протест за можните погубни последици од несовесните дејствија на официјална Анкара во однос на рускиот воен контингент кој извршува задачи во борбата против меѓународниот тероризмот во Сирија, објави руското министерство за одбрана доцна попладнето откако рускиот разурнувач „Сметливиј“ бил принуден да истрела предупредувачки плотуни во Егејско Море за да избегне судар со турски брод, објави Макфакс.
Военото аташе при амбасадата на Турција во Русија, контраадмиралот Ахмет Ѓунеш во неделата итно беше повикан во руското министерство за одбрана каде што разговарал со заменикот министер за одбрана Анатолиј Антонов, пренесува агенцијата ТАСС, цитирајќи го соопштението на руското министерство за одбрана.
„Особено беше изразена длабоката загриженост од повторените провокации од турска страна во однос на рускиот патролен брод ’Сметливиј’ во Егејското Море, кој како предупредување за судар со турскиот брод ’Гечицилер Балик Челик’ беше принуден да отвори предупредувачки оган од малокалибарско оружје на растојание безбедно за турскиот брод да не биде погоден“, се додава во соопштението.
Притоа се додава дека турскиот контраадмирал Ахмет Ѓунеш „ветил дека неизоставно ќе ја запознае Анкара со содржината на рускиот демарш“.
Засега нема официјални реакции од турска страна за инцидентот во Егејското Море.
Претходно беше соопштено дека инцидентот се одиграл кога рускиот брод, кој се наоѓал на оддалеченост од 22 километри од грчкиот остров Лемнос во северниот дел од Егејското Море, повеќепати се обидувал да воспостави радио врска со турскиот брод и применел специјални визуелни сигнали и сигнални ракети, меѓутоа турскиот брод не одговарал.
Кога турското пловило опасно му се приближило на рускиот патролен брод на околу 540 метри.., било употребено огнено оружје со цел да се спречи судар. Руското министерство наведе дека турскиот брод веднаш потоа го сменил курсот и без да воспостави контакт со рускиот екипаж ја продолжил пловидбата.




