Француската влада побара од Државниот совет да се произнесе за можноста превентивно да се интернираат лицата кои се на списокот наречен «С» на разузнавачката служба. Станува збор за лица кои не се обвинети за ништо но кои треба да се надгледуваат како лица што би можеле да се радикализираат.
Информацијата беше објавена пред неколку дена во весникот «Ле Монд» и веднаш почнаа да стасуваат и домашни и европски реакции.
За италијанскиот дневник «Ла Република», овој проект ризикува да отвори нова полемика во Франција која оваа година два пати беше таргет на терористички напади.
Предложено е овие лица да бидат превентивно затворени во посебен затворски центар. Според “Ла Република”, Франција се подготвува да отвори свој Гвантанамо за сите кои се осомничени за исламизам но не се осудени.
“Овие центри би биле премиера во Европа, единствен пример досега беше Гвантанамо”, пишува италијанскиот весник. Административните судии би биле тие кои би го одобрувале интернирањето додека во САД тоа го правеа воени судови. Ако ова се реализира во Франција, тоа ќе значи дека во овие центри би се затворале француски државјани додека во Гвантанамо беа затворани само странци. Гвантанамо беше отворен по атентатите од 9 септември 2001 година.
Во Франција има околу 20.000 лица кои се наоѓаат на “С” списоците и се сметаат за потенцијално опасни. Половината од нив се на списокот поради исламистичка радикализација. Останатите се членови на други терористички движења како курдската ПКК или вооружениот дел на Хезболах, потоа некои насилни лица од екстремната левица или десница.
Ова е само еден од повеќето предлози за реформи што се разгледуваат по атентатите од 13 ноември за време на вонредната состојба која беше прогласена во Франција. За “Ла Република”, “ова е најшокантниот предлог во татковината на човековите права”.




