Можно е на слобода се уште да има членови на мрежата на терористот Салман Абеди, изјави денеска британскиот министер за внатрешни работи Амбер Рад, пренесуваат светските агенции.
„Операцијата се уште е во тек со полна брзина и не можеме да бидеме целосно сигурни дека е завршена“, изјави Рад.
Абеди (22), Британец од либиско потекло, на 22 мај ја предизвика смртта на 22 лица, кревајќи се во воздух на концертот на пејачката Аријана Гранде во Манчестер.
Полицијата веќе приведе 11 осомничени и претресе повеќе имоти во градот.
Велика Британија вчера го намали нивото на терористичка закана од „критично“ на „тешко’, откако полицијата соопшти дека разбила голем дел од мрежата на Абеди.
Доцна синоќа полицијата ги објави неговите снимки, направени ноќта на атентатот од безбедносните камери, и граѓаните ги повика да споделат повеќе информации за неговите последни денови.




