Министерството за труд и социјална политика честитајќи им го 28 август- Денот на рударите најави дека работат на ново законско решение со кое ќе се надминат неправдите со кои се соочуваат рударите.

„Рударите долги години беа запоставени и на маргините на општеството. Во 2007 година, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги укина одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои им се скрати можноста за пензионирање на рударите само врз основа на пензиски стаж. Многу рудари во изминатите 10 години се соочуваа со неправдата да работат и над 55 годишна возраст иако во одреден период имале уплата на бенефициран стаж“, пишува во соопштението на министерството за труд и социјална политика.

Од таму додаваат дека ќе се обезбедат подобри услови за работа на рударите, предвремено пензионирање како и воспоставување на механизми за почитување на одредбите за безбедноста и здравјето при работа.