Премиерот на Косово, Иса Мустафа упати порака до претставниците на Заедницата на српски општини (ЗСО) на Косово, дека доколку не работат според косовските закони и не ги почитуваат одлуките на косовската влада, ќе бидат апсени, пренесуваат српските медиуми.
Мустафа, кој оставил и можност Приштина да не го примени Бриселскиот договор за ЗСО во зависност од одлуката на косовскиот Уставен суд, рекол дека владата може да ги прогласи ЗСО како незаконски, доколку не се постапува според законите и правилата на владата во Приштина.
„Тие можат денеска да прогласат автономија, но таа нема да важи, бидејќи се принудени да ги почитуваат законите на Косово. Во спротивно, косовските институции ќе мора да преземат мерки. Тие кои го кршат законот можат да завршат во затвор“, посочил Мустафа.
Тој надополнил дека доколку Уставниот суд рече дека некои од точките на договорот не се во согласност со косовскиот Устав, владата нема да ги спроведе, а целиот договор ќе биде прогласен за противуставен.
По повеќенеделните блокади на косовскиот парламент поради противењето на три опозициски партии за примената на договорот за формирањето на Заедницата на српски општини, косовската претседателка Атифете Јахјага во договор со парламентарните партии, документот за ЗСО го проследи до Уставниот суд.
Радикалното опозициско движење Самоопределување, пак, порача дека нема да ја признае ниту одлуката на Уставниот суд и дека во секој случај ќе продолжи во блокирање на парламентот.




