Полицијата приведе 26 лица за вчерашните протести во Собранието. Дел од демонстрантите, од кои голем број биле маскирани, насилно ја турнале заштитната ограда и со камења и пиротехнички средства фрлале кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, обидувајќи се насилно да влезат во Собранието, соопшти МВР.
Повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Според полицијата, дел од демонстрантите пред да стигнат до Собранието упаднале во два ресторани на плоштадот Макеоднија.
„Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита“ изјавија од МВР.
Во врска со новинарот на порталот Инфомакс, од МВР велат дека тој одбил да се легитимира, а давал и активен отпор. Тој бил однесен во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, веднаш бил пуштен.
Според информации на НОВА ТВ, сите повредени полицајци и демонстранти имале полесни повреди и се пуштени на домашно лекување.