Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при Одделот за сериозен и организиран криминал на МВР поднесе кривична пријава против 42 годишната М.Д. од Кавадарци поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – “трговија со дете“ .

Имено, според документираните сознанија, утврдено е дека пријавената во текот на декември минатата година и јануари оваа година го принудувала детето Р.И. штитеник на ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми ,, 25-ти Мај “, да дава сексуални услуги на поголем број лица за одреден паричен надомест. Исто така, покрај сексуалната експлоатација, пријавената вршела и трудова експлоатација врз детето принудувајќи ја за нејзина сметка да питачи. М.Д. е задржана во ПС Кисела Вода и во текот на денот ќе биде однесена за распит при Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, пишува во соопштението од МВР.

На пријавената и е одреден 30 дневен притвор, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За кривичното дело „Трговија со дете“  е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.

Болницата во Велес, уште во ноември го пријавила силувањето на 13 годишното девојче кое во безсознание било донесено во болницата . Девојчето било сослушано, но пријавата против еден од сторителите беше поднесена дури пред една недела. МВР, тогаш соопшти дека 18 годишен велешанец признал дека го силувал девојчето. Сега се очекува МВР да ја прошири истрагата и против други лица, кои исто така сексуално го злоставувале детето.

Кривични пријави се поднесени и од министерството за труд против 11 вработени во центарот за социјални работи и вработени во  Домот 25 мај за несовесно работење и запуштање на малолетно лице.

Случајот со 13 годишното девојче кое било со години силувано додека било под закрила на државата, ја покажа запрепастувачката индиферетност на институциите( почнувајќи од старателите, преку полицијата, до обвинителството) кои молчеле пред повиците на девојчето за помош од хоророт што го доживувала.