Рокот за поднесување на барањата за субвенции за мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2018, наместо до 15 овој месец, ќе се продолжи до 12 јуни 2018 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Во координација со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, миниатерството ќе изврши измени на Уредбата за директни плаќања 2018, која што треба да се донесе на  седница на Влада.

„Првично, пролонгирањето на рокот е по барање на сточарите и ветеринарните друштва кои се изјаснија дека нема да имаат време до првичниот рок 15 мај да ја ажурираат бројната состојба на животните во регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство, што пак претставува услов за поднесување на барања за субвенции говеда, овци и кози.

Исто така продолжување на рокот бараа и производителите на лозови калеми, кои посочија дека им е потребно дополнително време за да можат целосно да ја подготват потребната документација за мерката за субвенции за произведени и продадени лозови калеми“, соопштија од МЗШВ.

Воедно, рокот за аплицирање за субвенции за литар продадено млеко во октомври, ноември и декември 2017 година, наместо до 16 мај, ќе се продолжи до 23 мај.

Од  МЗШВ уверуваат дека пролонгирањето на роковите нема да влијае врз динамиката на исплата на субвенциите.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.