Стравувајќи од можноста за нуклеарен напад од Северна Кореја, властите на Хаваите тестираа сирена чија цел е да ги предупреди туристите и граѓаните доколку се случи напад.

Хаваи е првата американска држава која го враќа системот за предупредување по Студената војна.

„Ние веруваме дека е императив да бидеме подготвени за секаква катастрофа, а во денешниот свет, тоа вклучува и нуклеарен напад“, изјавил гувернерот на Хаваи, Дејвид Иџ, пренесоа американските медиуми.

Целта на власта е преку тестирањата, јавноста да знае што да прави во случај на директен напад. Доколку ракетата биде лансирана, жителите и туристите ќе имаат помалку од 20 минути да најдат засолниште.

Северна Кореја во вторникот лансираше нов балистички проектил од јужната провинција Пјонгјанг, а по 50 минути летање, ракетата паднала во водите во близина на Јапонија но не предизвикала штета.