Вкупно 12 Американци се заболени од новиот коронавирус во крузерот „Дајмонд принцес“ закотвен во Јапонија, а од вирусот почина првиот Американец, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Дванаесетте Американци се дел од вкупно 63 патници кои се наоѓаат под карантин во крузерот и се заболени од вирусот. Бродот е еден од неколкуте настрадани од епидемијата на смртоносниот коронавирус, со што многу крузери објавија карантин и извршија тестирање и преглед на патниците. Многу пристаништа не дозволуваат влез за овие бродови поради страв од ширење на вирусот.
Во меѓувреме, 60-годишен Американец кој се наоѓал во Вухан, градот од каде пред три недели се прошири епидемијата почина од заболувањето. Тој почиа во четвртокот, а информацијата синоќа ја пренесе кинеската амбасада во Вашингтон.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа испрати сочувство до родиините и пријателите на починатиот државјанин на САД.
Владата, пак, вчера, со три патнички авиони кои полетаа од Кина, од Вухан успешно евакуира околу 800 американски државјани, лица со постојан престој и нивни најблиски, изјави Морган Ортагус, портпарол на Стејт департментот. Сите треба да поминат двонеделен карантин и прегледи од специјалисти на Центарот за контрола и спречување на болести на САД. Исто така и Канада вчера успеа да евакуира 200 канадски државјани од Кина.
Според најновите податоци, вкупниот број на почината од коронавиросот го надмина бројот на починатите од САРС и во моментов е 804. Коронавирус е од истото семејство на смртоносни вируси како САРС (кратенка од „остар акутен респираторен синдром“) од кој во 2003 година во текот на осум месеци беа заразени околу 8 илјади лица, а 774 починаа.
Бројот на жртвите на коронавирусот во континентална Кина достигна 811, а само вчера биле регистрирани нови 89 смртни случаи, пренесоа светските агенции, цитирајќи ја Националната здравствена комисија.
Вчера беа потврдени и 2.656 нови случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигна 37.198 лица, пренесоа агенциите.
Од посочените 89 нови смртни случаи во текот на последните 24 часа, 81 лице биле жители на провинција Хубеи, каде е епицентарот на заразата. А од вкупниот број (811) на досега загинати, 780, исто така, потенувале од оваа провинција, каде има вкупно 27.100 заразени.Со последните потврдени податоци бројот на жртвите од новиот коронавирус го надмина бројот на жртвите од Тешкиот остар респираторен синдром (ТОРС) од 2002-2003 година, забележа ДПА.




