Полицијата на Малта соопшти дека е уапсен еден маж под сомнение дека посредувал за убиството на Дафне Каруана-Галиција, новинарката која се занимаваше со истражување корупција.
Најверојатно приведениот, чиј идентитет не е откриен, посредувал помеѓу нарачателот и извршителот на убиството.
„Тајмс оф Малта“ денеска објави дека Владата ќе ја разгледа можноста за помилување на посредникот доколку открие детали кои би довеле до организаторот на убиството.
Весникот, исто така наведе дека во истрагата е вклучен и ЕВРОПОЛ.
Каруана-Галиција која пишуваше блог за корупцијата, убиена е во Валета на 16 октомври 2017 година откако под нејзиниот автомобил беше поставен експлозив.
Таа истражуваше наводи за корупција и перење пари на најмоќните луѓе на Малта, меѓу кои и премиерот Џозеф Мускат и неговите најблиски соработници.
Семејството на Галиција тврди дека таа е убиена поради политички причини. За нејзиното убиство досега се осомничени три лица.
Минатиот месец случајот на Каруана Галиција беше ставен на Листата на Советот на Европа во категоријата убиени новинари без пронаоѓање на сторителите. Трите лица кои беа обвинети за нејзиното убиство се уште чекаат судење, додека оние кои го организираа и смислија ова убиство се уште се во бегство.
Таа е еден од 36-те новинари чии случаи се се уште отворени во рамки на Платформата на Советот на Европа.




