Потврдена е опалесценција и мирис на нафта покрај насуканиот брод Вера Су, кој е заглавен во близина на Камен Брег, објави бугарското Министерство за животна средина.

Итен увид на местото на настанот беше извршен вчера по сигнал на Граничната полиција. Земени се два примерока морска вода – еден од крајбрежна точка и еден од водата непосредно до бродот.

Во земениот примерок, опалесценцијата на површината е јасно видлива. Во областа има силен мирис на нафтени производи. Вредноста на азот-амониум е 0,147 mg / l и ги надминува за трипати повеќе претходно измерените вредности на овој индикатор од крајбрежната точка, забележуваат од Министерството за животна средина.

Извршната агенција „Морска администрација“ и Регионалниот координативен штаб се известени за резултатите од инспекцијата.

На 20 септември, бродот Вера Су се насука во карпите во близина на месноста Јајла, а до 24 септември институциите немаа преземено активности.

На 6 октомври, целиот екипаж на Вера Су беше евакуиран од бродот на копно, и поради лошите временски услови во моментот не можеше да се започне претовар. Против капетанот и вториот асистент на бродот беа поднесени две обвиненија, а тие исто така беа приведени.

Откако брановите целосно го поплавија бродот на 9 октомври, бугаркиот министер за транспорт Христо Алексиев сподели сомнеж дека турскиот сопственик на бродот намерно ја одложува секоја спасувачка акција за да може да добие надомест од осигурувањето ако бродот потоне.

Првата нуркачка инспекција покажа дека бродот е исполнет со вода и не може да се движи самостојно, дури и ако се „одглави“ од карпите, па во практика веќе е потопен. Претходно, Министерството за животна средина уверуваше дека нема сериозни нарушувања за екологијата.