Најмалку 56 Палестинци беа повредени денеска во судири со израелските безбедносни сили за време на протестите на неколку илјади лица на Западниот Брег и во Појасот Газа.
Причина за протестите е одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како израелски главен град и да ја премести американската Амбасада од Тел Авив во светиот град.
Демонстрантите извикувале „смрт за Америка, смрт за Израел, смрт за Трамп“ и фрлале камења кон израелските војници кои возвратиле со гумени куршуми и солзавец.
Израелската војска соопшти дека било дејствувано само против организаторите на протестите, во случаи кога тие предизвикувале опасност по безбедноста на војниците.
Од Појасот Газа беа истрелани и неколку ракети кон јужните градови во Израел, при што повеќето проектили биле пресретнати во воздух, а една паднала, но не предизвикала жртви.
Израел возврати со артилериски и воздушни напади врз позиции на Хамас во Газа.
Хамас од своја страна соопшти дека израелските возвратни напади не предизвикале жртви.




