Рафаел Надал по 14-ти пат во кариерата ќе игра во финале на Ролан Гарос, откако Александар Зверев беше принуден да се предаде поради повреда. Германскиот тенисер се повреди при лизгање по еден удар, падна на земја и повеќе не можеше да стане и продолжи.

Надал веднаш сфати дека станува збор за сериозна повреда, па ја мина мрежата и му пријде на Германецот додека лежеше во видливи болки на теренот.

Набрзо на теренот влезе медицинска екипа со инвалидска количка и го одвезе Зверев во соблекувалната. Во нивна придружба замина и Надал. По некое време, двајцата се вратија на терен – Зверев со патерици и без една патика, додека Надал само се движеше покрај него.

Прекинот на полуфиналниот дуел меѓу Надал и Зверев се случи при водство за Шпанецот со 1:0 во сетови (7:6) и пред почеток на тај-брејк во вториот сет.