На најголемиот празник на Хиндусите во Индија, загинаа повеќе од 30 луѓе, а повредени се десетици. Причините за несреќата се масовна паника која настанала на железничката станица во градот Алахабад.

Според локалните власти, загинатите верници дојдени да „ги измијат гревовите“ на реката Ганг, биле прегазени од толпата.

Несреќата се случила откако попуштила оградата на еден мост за пешаци, наведуваат властите.

Индискиот премиер Манмохан Синг изјави дека е „длабоко шокиран“ поради случувањата во Алахабад.

Педесет и пет дневниот хинду-празник Маха Комб Мела се одбележува секои 12 години на местото кадешто се слеваат реката Ганг, Јамуна и речниот тек кој постои само во митологијата – Сарасвати.

Празникот вчера го достигна својот врв. До вечерта во градот Алахабад, инаку град од 1,2 милиони жители, се очекуваа околу 30 милиони аџии.

Организаторите до 10 март, кога празникот завршува, очекуваат околу 100 милиони луѓе кои сакаат да ги измијат гревовите на реката Ганг.