Во источниот дел на Кенија утрово вооружени напаѓачи упаднале во колеџ во местото Гариса, пукајќи кон сите пред себе во хостелите од кампусот, при што најмалку две лица се убиени, а десетици се ранети, јавија кениските медиуми.
Постојат наводи дека вооружените напаѓачи земале и заложници, но тие се уште не се потврдени, јави Би-Би-Си.
Повредените биле префрлени во болница, а од нив четворица се во тешка состојба, пренесуваат кениските медиуми, повикувајќи се на кенискиот Црвен крст.
Како што наведува BBC засега ниту една терористичка група не ја презеде одговорноста за нападот, но сомалиските милитанти од групата ал-Шабаб во изминатите четири години често пати изведуваа напади во Кенија.
Очевидци за локалните медиуми изјавија дека напаѓачите упаднале во џамијата на колеџот за време на утринската молитва.
Гариса, која се наоѓа на 150 километри од границата со Сомалија, населена е со голем број кениски Сомалијци, потсетува Би-Би-Си.
Ал-Шабаб се бори за создавање исламска држава во Сомалија, а САД и Велика Британија ја забранија како терористичка група.




