Во невремето што ја зафати Хрватска уништена е една стара куќа, гранки и камења ги блокираа патиштата, а ветерот предизвика сообраќајна несреќа во која камион падна во бездна при што загина возачот.

Возачот на камионот загинал при пад во бездна, на делница од патот Карлобаг-Сењ кај исклучувањето за Призна, кој се случил синоќа за време на забрана за сообраќај за сите категории возила поради ураганскиот ветер, соопшти денеска полицијата на жупанијата Лика-Сењ.

Синоќа беше урната стара напуштена куќа во селото Кричина кај Брибир, а камења и друг материјал од куќата паднале на локален пат, по што релацијата Брибир-Грижане беше затворена за секаков сообраќај, соопшти општина Винодол.

Интервентните служби се на терен, известија претставници на општина Винодол.

Поради невремето во областа Кварнер имало многу паднати гранки и дрвја. Едно дрво паднало на патот во Хрељин, но локалните жители брзо го отстраниле, па немало подолг прекин на сообраќајот.

Државниот хидрометеоролошки завод за денеска издаде црвено предупредување поради ветер за подрачјето на Риека и Кварнер. Низ Горски Kотар на автопатот Риека-Загреб, меѓу клучките Делнице и Чавле, можат да минуваат само патнички автомобили.